Кошмари од Јордан Коцевски

Втор дел во серијалот Наследство, но може да ја прочитате и без да сте ја прочитале Прозорецот (иако јас препорачувам сепак да ја прочитате прво Прозорецот). Ја прочитав во еден ден, а тоа со мало бебе станува се поретко (веројатно помогна тоа што имавме подолго возење, а бебуш спие во кола). Морам да признаам дека ова не е мојата омилена книга од Коцевски (сум ги прочитала сите досега објавени) и во понатамошниот текст ќе ви кажам и зошто.

Во претходните негови дела, Коцевски темелно го покрива и секој најситен детаљ (пример лажицата во Заследи ме). Во Кошмари има неколку детали кои не се дообјаснети или на кои авторот не се навраќа повторно. А, јас сум од оние читатели на кои им се важни деталите.

Понатаму, неизбежно е да ја споредам Кошмари со Тегли. Знам дека можеби не е фер споредбата затоа што Тегли е прв објавен роман на авторот, а Кошмари шести но и неизбежно е како читател да се обидам да го следам напредокот на стилот на авторот и да го споредам со претходните негови дела. За мене Тегли останува најдобрата книга на Коцевски поради преинтересниот главен лик (Златко) и неговата уникатна смисла за хумор. Во секоја следна книга барам нешто од Златко или тој хумор. Морав да му го поставам ова како прашања на авторот затоа што според мене хуморот е неговата најсилна страна и одговорот беше дека таков хумор се чинел несоодветен за главниот лик во Кошмари (Игор). Да, кошмари и хумор можеби не одат заедно, но повторно нагласувам дека како читател навикнав да очекувам некои работи од Коцевски кои во Кошмари баш и ги нема. Кога ќе напише некоја целосно стилски различна книга, сигурна сум дека ќе се навратиме на разговоров.

На промоцијата на романот, Коцевски кажа дека овој роман му бил најтежок за пишување. Мене тоа ми беше воочливо заради претходно споменатите детали. Се надевам дека следниот дел ќе му биде полесен за пишување, после таков епилог со нетрпение го очекувам продолжението.

Иако крајот односно епилогот го краси делото, не можам да ја оценам Кошмари со највисока оцена. Деталите кои упорно ги споменувам веќе ги дискутирав со авторот, а тука нема да ги наведам за да избегнам вклучување на спојлери во овој осврт.

Севкупно, Кошмари добива оцена 4.

You may also like...

en_USEnglish