Хотел со големо Л од Шурд Кајпер

Кос е тринаесетгодишно момче, надежен фудбалер, син на сопственик на хотел и брат на три девојчиња. Кога таткото завршува во болница, малолетните деца ја преземаат грижата за хотелот и не кажуваат на гостите дека таткото не е тука. На врата чукаат гости, потенцијални гости, но и доверители.

Додека Кос се грижи за долговите и како хотелот да продолжи да работи, неговите сестри имаат и сопствени грижи. Постојано му префрлаат затоа што не е девојче, дури и го убедуваат дека мајката сакала девојче, но го добила Кос. Одлично е доловена таа динамика помеѓу помлади браќа/сестри, на моменти најголема поддршка едни на други, на моменти љубоморни дури и сурови.

Кос се снаоѓа како што знае и умее, се обидува да ги организира сестрите, да најде начин да заработи, да не му открие на болниот татко дека осигурителната компанија не испратила некој да го замени. Игра фудбал, но и учествува во избор за убавина затоа што тврдоглавата сестра се премислува во последен момент. Сцените во кои трча од една на друга страна се едни од најдобрите во книгата.

Повремено се сомневав во снаодливоста на овие деца, се плашев за таткото во болница, рокот за отплата на долгот кој се наближува, но ова семејство знае да се справи со предизвиците. Навивате за Кос и неговите сестри, сакате да успеат, сакате таткото да оздрави. Што ќе се случи со овие јунаци дознајте читајќи ја книгата.

Релативно е кратка. Доколку барате подарок за Вашето дете за празниците, препорачувам да ја разгледате и оваа. Возрасната граница за која би ја препорачала е 11-12 години па нагоре поради одредени теми и јазични конструкции.

Морам да ја пофалам корицата, првото нешто што ме привлече кон оваа книга.

Книгата можете да ја купите овде.

You may also like...

en_USEnglish