Американска прашина од Џенин Каминс

„Во 2017 година на секој 21 час умираше по еден мигрант по должината на границата помеѓу САД и Мексико“. А 2017 беше пред само 4 години! 🤯

Американска прашина е книга за која изминатава година на книжевните блогови се крена навистина многу „прашина“! Од самата приказна, до потребата за повеќе такви приказни до мотивацијата на авторката да ја напише книгата, на дискусијата и нема крај, но понатаму ви препуштам да истражувате самите.

За што зборува Џенин Каминс во Американска прашина?

Ако погодувате нарко картели – во право сте! Ако погодувате нелегална емиграција кон САД – пак сте во право! Тоа се клучните теми и носители на дејството, но Лидија и Лука Перез истовремено ни откриваат и многу повеќе за животот во Мексико и борбата за живот.

Лидија е сопственик на мала книжарница во Акапулко каде во скоро време моќта на улицата ја презел нов картел со името Лос Хардинерос. По игра на случајности, се спријателува со шармантниот Хавиер, кој всушност е Ла лечуса или шефот на овој картел. Поради сплет на околности кои не се сосема јасни се до втората половина на книгата, овој пријател почнува да ја гони Лидија и нејзиното семејство. Понатаму ја следиме Лидија како се обидува да излезе од Акапулко и со синот да избега кон северната граница.

Светот на Лука се менува во само неколку минути, а при бегството посегнува по неговото знаење кон географија за да не размислува за одредени настани. Така, во секој град или место кое ќе го поминат, има мал сегмент каде Лука ни кажува за местоложбата на местото и бројот на жители. А, нараторот дополнува со колку километри е оддалечено од Акапулко.

На патот кон возот “Ла Бестија” кој вози до северната граница, се формираат неочекувани сојузи (се двоумам да ги наречам пријателства), а во жителите на околните места има и добродушни луѓе кои сакаат да им помогнат, но и такви кои соработуваат со картелите.

Пишувањето е надополнето со мексикански зборови и фрази кои ја доловуваат атмосферата.

Во книгата ми недостигаше повеќе неизвеснот и емоции. Динамиката на бегството не беше сосема успешно доловена, а има доволно број на страници за истото да се направи. Сакав повеќе неизвесност, ќе стигнат ли до границата? Како ќе ја преминат пустината, ќе имаат ли пари да го платат којотот (водич низ пустината)? Освен одредени емотивни сцени меѓу мајката и синот, една сцена во банката и кога една продавачка и дава шал за во пустината, како и случувањата со сестрите Соледад и Ребека, нити гледаме емоција кај Лидија (донекаде разбирливо, таа гледа само да преживее) нити како читател ја почуствував. Од друга страна, моментите на целосен молк на Лука кажуваат и повеќе од доволно.

Едно е сигурно, животот на двајцата јунаци никогаш веќе нема да биде ист, сенката од минатото ќе биде секогаш присутна. Можеби потисната со време, но секако присутна.

Од што бега Лидија? Ќе успее ли? Прочитајте ја книгата за да дознаете.

Македонското издание на оваа книга ни го донесе Издавачки центар ТРИ📚

You may also like...

en_USEnglish