Исповед од Жауме Кабре

Рецензијата оригинално објавена на 09.11.2019 во Размена на книги и книжевни муабети.

После речиси 2 месеца читање, еве ме и мене со скромен обид за осврт на Confessions, Yo confieso или Ispovijedam од Jaume Cabré, под кое име и да ја знаете.

Тие што ме познавате знаете дека книга читам за два дена, оваа условно кажано ме “намачи” и бараше повеќе време. Читав со паузи, ова не е дело што ќе го разберете ако го читате во еден здив, но секако вреди да се прочита бидејќи е вистинско РЕМЕК-ДЕЛО.

Раскажувачот и јунак, Адриа Ардевол боледува од Ајцхајмерова болест и ја пишува приказната за својот живот токму како некој кој боледува од истата, кратки луцидни моменти насред виор од сеќавања од разни периоди на животот. Јунак кој ќе го сакате, мразите, осудувате и жалите во различни моменти, а веројатно и ќе заплачете, со него…и за него.

Делово е на моменти тешко да се следи, прескокнува од детството на Адриа, до Аушвиц, подалечното минато и историјата на една славна виолина и други настани помеѓу. Токму тоа е мајсторијата на пишувањето на Кабре, го пренесува читателот од едно на друго, па трето без видлив прекин во нарацијата. На крај се затвора речиси совршено и се има смисла. “Ахаааа!” беше мојата прва мисла по читањето на последните страници.

Кабре е одличен писател. Би го издвоила моментот кога Адриа се сеќава дека “тато ме караше, а мама само гледаше во плочките.” Не само што го браните и сакате да го заштитите детето туку во тие неколку реченици и совршено ја сфаќате семејната ситуција. За детето кои учи 12 јазици и треба да биде виртоуз на виолина, детето кое ги сака јазиците и музиката, но не и часовите по виолина…

И да, корицата е релевантна, книгите се насекаде 📚

Има мноштво други ликови, кои се појавуваат па ги снемува и одеднаш во клучен момент… Ете ги повторно тука. Се задржав на Адриа, но мора да се спомнат Бернат, Сара, Лаура, а има и уште многу други за кои нема да ви кажам, најдобро е да ги откриете сами. Ќе ги разберете постапките на некои од нив, други остануваат обвиени со вел од мистерија. Confiteor. Mea culpa.

Не знам дали ќе ви има некаква смисла кажаново, можеби штом ми легне приказнава за некое време ќе се обидам да се доизјаснам.

За крај ќе нагласам дека ова е ретко добро четиво со многу повеќе теми од овие што ги напоменав. Вреди да се прочита, но дефинитивно не е за секого 😎

Од мене добива ⭐⭐⭐⭐⭐

На огромна радост на голем број на читатели, сега достапна и на македонски јазик во издание на Бата прес.

You may also like...

mk_MKMacedonian