Дете на правта од Нгуен Фан Ки Маи

Мислев дека историската фикција веќе не ми е омилен жанр. Но, можеби избирав книги сместени во погрешен временски период (Втора светска војна) и повеќето почнаа да ме потсетуваат едни на други.
Дете на правта ја добив на размената на книги минатиот месец и се радувам што решив да и дадам шанса и да ја прочитам.
Содржи многу работи кои лично ги сакам во книгите што ги читам:
- повеќе гледни точки или перспективи – на сестрите Транг и Куин, Фонг, и американскиот пилот Ден;
- ликовите се чинат неповрзани, а сепак имаат нешто заедничко;
- ликовите ги следиме подолг временски период. Има сцени од сегашноста (2019 година), но и Виетнамската војна и дејството не се одвива по хронолошки редослед.
Две од перспективите ми беа значително поинтересни за читање од третата, но тоа е неизбежно кога се во прашање книгите со повеќе перспективи. Морам да напоменам дека се обработуваат тешки теми: сестрите се проституираат за финансиски да помогнат на родителите, Ден има ПТСД, Фонг е бездомник.
Дознав по некој интересен факт за Виетнам, а приказната дополнително ме поттикна да истражувам за Виетнамската војна. Секако дека ми се пријаде и ориз зготвен на разни начини.
Книгата е релативно кратка (336 страници), но успева да обработи многу теми и да ја затвори приказната за ликовите како целина. Најважно од се за мене е дека најдов историска фикција што не ја доживеав како „веќе видена“ односно прочитана.
Се надевам дека наскоро ќе имаме превод на уште некоја од книгите на Фан Ки Маи.



