Другиот Ајнштајн од Мари Бенедикт

Книга за Алберт Ајнштајн и неговата прва сопруга Милева за која малку се знае, но авторката ги истражила малкуте факти и умешно ги испреплетила со фиктивни ситуации.

Милева е студент на физика на Политехничкиот факултет во Цирих, исплашена како единствена жена на таа катедра и воздржана поради деформитет на нозете. Единствен колега кој почнува комуникација со неа е Алберт Ајнштајн. Професорите и се обраќаат со господине, но полека ја откриваат нејзината интелигенција кога срамежливо, но сигурно одговара на поставените прашања.

Меѓу неа и Алберт се појавуваат романтични чуства, па и покрај стравот од тоа што ќе кажат колегите и семејствата се впуштаат во врска. Приказната ја читаме од перспективата на Милева, па потешко е да се дознаат чуствата на Алберт.

Бремената Милева го раѓа детето во родната Србија, а Алберт е полн со изговори зошто не може да ги посети, од барање работа до недостиг на парични средства. Милева е таа која се враќа да биде покрај него и да работи на својата дисертација. Но, работата на дисертацијата е одложена од развивањето на теоријата на релативноста, идеја на Милева, каде таа ја решава математиката, а Алберт физиката. Во 1905 се објавени неколку нивни заеднички трудови, но како автор на сите стои Алберт и само Алберт Ајнштајн. Изговорот е дека тој е дипломиран физичар, а Милева нема никаква диплома. Таа мошне повредена, му дава уште една шанса и целосно се посветува на развивањето на патент. На пријавата повторно го нема нејзиното име, а Алберт избувнува и вели дека таа е себична и мисли само на себе. Кутрата Милева подголтнува уште една кнедла.

Кога на Алберт му удира славата во глава, ретко се враќа дома. Посетата на конференции и предавања е на прво место. Како читател на тие настани, не можев да не помислам дека ги користи нејзините идеи и математички способности, ги претставува како свои, а љубовта доколку некогаш ја имало згаснала заедно со сонот за заеднички боемски живот. Поразителна приказна за односот на Ајнштајн кон неговата прва жена и нејзина скриена брилијантност која вреди да се прочита. Верувам дека секоја жена барем малку би се соживеала со ликот на Милева.

Можете да ја најдете во книжарите на Литература и онлајн на literatura.mk

You may also like...

mk_MKMacedonian