Дете на правта од Нгуен Фан Ки Маи

Мислев дека историската фикција веќе не ми е омилен жанр. Но, можеби избирав книги сместени во погрешен временски период (Втора светска војна) и повеќето почнаа да ме потсетуваат едни на други.

Дете на правта ја добив на размената на книги минатиот месец и се радувам што решив да и дадам шанса и да ја прочитам.

Содржи многу работи кои лично ги сакам во книгите што ги читам:

  • повеќе гледни точки или перспективи – на сестрите Транг и Куин, Фонг, и американскиот пилот Ден;
  • ликовите се чинат неповрзани, а сепак имаат нешто заедничко;
  • ликовите ги следиме подолг временски период. Има сцени од сегашноста (2019 година), но и Виетнамската војна и дејството не се одвива по хронолошки редослед.

Две од перспективите ми беа значително поинтересни за читање од третата, но тоа е неизбежно кога се во прашање книгите со повеќе перспективи. Морам да напоменам дека се обработуваат тешки теми: сестрите се проституираат за финансиски да помогнат на родителите, Ден има ПТСД, Фонг е бездомник.
Дознав по некој интересен факт за Виетнам, а приказната дополнително ме поттикна да истражувам за Виетнамската војна. Секако дека ми се пријаде и ориз зготвен на разни начини.

Книгата е релативно кратка (336 страници), но успева да обработи многу теми и да ја затвори приказната за ликовите како целина. Најважно од се за мене е дека најдов историска фикција што не ја доживеав како „веќе видена“ односно прочитана.

Се надевам дека наскоро ќе имаме превод на уште некоја од книгите на Фан Ки Маи.

You may also like...

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

en_USEnglish