Антарктик од Клер Киган

Антарктик е збирка од петнаесет раскази со кои Клер Киган стекнува углед како талентиран современ автор на кратка проза.

Како што кажува Нил Гејман, секоја збирка раскази содржи раскази кои ќе ви се допаднат, такви кои нема или помалку ќе ви се допаднат, но и такви кои ќе не научат на нешто ново. Зборовите на Нил Гејман можете да ги прочитате во целост тука.

Гејман, како автор на повеќе збирки раскази, вели дека расказите треба да бидат и поврзани, да има некоја нишка од првата до последната страница која ќе ги поврзе како целина. Киган тоа го постигнува преку ликовите. Тука не сакам да кажам дека секој расказ ги вклучува истите ликови, впрочем со тоа би преминале кон друга прозна форма. Ќе го прочитате првиот, па вториот, па третиот расказ и понатаму веќе ќе го препознаете стилот на пишување. Збирката е жанровска и тематска мешавина, но ликовите се дефинитивно на Киган.

Антарктик -расказот по која збирката го добила и насловот, е мојот личен фаворит. Има нешто мистично и фантастично во него, а тоа е жанрот кој го преферирам оваа година. Зборува за осаменоста, отуѓеноста на луѓето, но и потребата да сакаш и да бидеш сакан.

Изгореници – зборува за (не)соочување со грешките од минатото и ја доловува психолошката состојба и последиците од одредени акции на ликот.

Од останатите раскази би ги издвоила Пасошка супа, еден од пократките раскази во збирката, но ефективно ги долувува чуствата на главниот лик и не учи да не доцниме со барање прошка доколку сме погрешиле.

Ме воодушеви и дизајнот на корицата, би рекла дури и подобар од оригиналот.

Доколку сте во потрага по следната збирка раскази која би ја читале, ова е добар избор. Препорачувам по еден на ден па така за 15 дена ќе ја прочитате целината која ја замислила Киган. Верувам дека ќе се препознаете во некој лик, акција или во најмала рака ќе размислувате дали се согласувате или не со истите.

Уживајте во читањето!

You may also like...

en_USEnglish