Крај за паметење од Џенифер Пробст

alt=""
Купи од Бата прес

Втора книга во серијалот Stay на Џенифер Пробст. Мојот осврт за првата Почеток од соништата, можете да го прочитате овде.

Иако е втора книга, може да се чита и засебно. Еден од главните ликови го запознаваме во првата книга, но приказната не е директно поврзана па не морате да ги прочитате и двете или не мора да ги читате по тој редослед.

Крај за паметење ги следи Офелија и Кајл, пријатели од детсвото чии животни патишта се разидуваат поради кариерата на Кајл во Холивуд. Офелија успешно го води семејниот пансион и се подготвува за прв слободен ден во подолго време, кога на врата се појавува Кајл.

Кајл, како успешен и познат сценарист се враќа во родниот град за да работи на следното сценарио. Очекувано се појавуваат искри при нивните средби, но и доза на резерва бидејќи и двајцата знаат дека Кајл е таму само привремено.

Воодушевена бев од посветеноста на Офелија кон работата и гостите, но истовремено и сакав да застане, да се одмори и да разговара со Кајл.

А Кајл…па каде да почнам. Се бори со пишувачка блокада, со сеништа од минатото, со сопствените и туѓите очекувања. Ги следиме неговите обиди да го напише следното успешно холивудско сценарио, но приказната го зема својот тек и станува нешто поинакво, дури би рекла и поголемо. Станува приказната на неговиот живот и спознавање, неговата голема непрежалена љубов од младоста. Неговиот процес е особено интересен за следење, целосно се задлабочува во приказната и ја напушта тастатурата само за да јаде. Го издвојувам следниот цитат: „Знам! Едноставно не можам да си помогнам. Ги преправам секои два збора, а потоа ги бришам сите зборови што сум ги напишал.“

Сите ликови обожаваат храна и да готват, описите се доволни да огладне човек иако штотуку јадел.

Севкупно, книгава е одличен избор за оваа зима. Навидум љубовна приказна, но успешно вметнува и тешки теми од секојдневието. Стилот на пишување е релативно едноставен, главите не се многу долги, дијалозите се солидни. Нема да погрешите ако и дадете шанса. Обожавателите на првата книга секако ќе се израдуваат што повторно ќе ги видат Миа и Итан.

Уживајте во читањето.

Купи од Бата прес.

You may also like...

en_USEnglish