Нишка од Трејси Шевалие
Потресна книга за Англија после Првата светска војна во која загинале многу мажи, татковци и деца, за генерации жени побројни од мажи кои не може да се омажат. Хероината на книгата, Вајолет, го губи свршеникот и братот во војната и ја следиме нејзината животна приказна неколку години подоцна, кога се иселува од домот на родителите и заминува да работи и живее во Винчестер.
Во новиот град, се е ново и непознато, а пријатели се стекнуваат тешко. Големата катедрала ја привлекува како магнет, а при нејзината посета ја открива и групата везилки кои изработуваат перничиња за клечење и седење за да ја разубават катедралата. Едно перниче со желади особено и го привлекува вниманието, а на задната страна е обележано со иницијалите на везилката. Како „стара мома“ решава да остави нешто зад себе, а такво извезено перниче кое со генерации би се користело во катедралата е токму тоа. Така, нашата Вајолет има нова мисија во животот, да се приклучи на групата везилки и да извезе перниче. Групата е првично воздржана, но понатаму Вајолет конечно е примена и станува дел од нешто поголемо, а стекнува и неколку пријатели.
Сцените со везењето ме потсетија на детството кога мајка ми ме учеше да везам, но мислам дека совладав само 3 бодови пред да се откажам. Понатаму се појавија и компјутери и телефони итн. Браво за Вајолет и другите везилки на издржливоста. Се гордеев со неа кога го заврши перничето, а се натажив кога мајка и ја исмеа торбичката извезена како подарок за роденден во време на сиромаштија кога Вајолет често е приморана и да гладува. И се восхитував кога храбро настапи пред својот шеф и побара покачување и уште една греалка, се избори за доброто на колешките. Се лутев кога братот и снаата ја бараа само по потреба, па потоа и ги покрија трошоците за одмор поради чуство на вина.
Не очекував ништо помалку од Трејси Шевалие, добра книга, а пријатно ме изненади и присуството на катедралата (не е никаква тајна дека ги обожавам книгите со катедралите). Бидејќи последните 50тина страници заминаа во неочекувано романтичен правец, малку се разочарав и првичната оцена ја намалив, но тоа не значи дека ова не е солидна книга. Посакувам Вајолет да останеше така силна и самостојна каква што беше претходно, без да зависи од поддршката на другите. Нејзиниот лик е особено интересен за понатамошна анализа.
Издание на Матица.