Очи со боја на чевли од Петар Андоновски

Очи со боја на чевли е првата книга на Петар Андоновски, а воедно и првата негова книга која ја прочитав. Нема да биде последна.

Што ми се допадна: – прекрасна корица со илустрација на Ване Костуранов – форматот односно поделбата на романот на кратки глави- гласот на раскажувачот- идејата и метафората позади чевлите- вклучувањето вистински локации во Скопје и Куманово, успешно го доближува дејството до читателот и дополнително го внесува во приказната – опсесијата на ликот со машки чевли, конкретно црни машки чевли.

Што не ми се допадна:- прекратко!! Штотуку се поврзав со ликовите и навлеков на приказната, книгата заврши. Иако претпоставувам немаше да има такво влијание на мене ако беше подолго дело.

Издвојувам од втор дел, глава 1 односно почетокот на приказната на писателот Нестор: „Неговиот роман Ние пред дваесет и пет години беше прогласен за најдобар роман, а неколку месеци подоцна Нестор, поради романот, беше обвинет дека работи против државните интереси. Неговиот роман и во мигот на прогласувањето за најдобар роман и во мигот кога Нестор беше обвинет дека работи против државните интереси беше сосем погрешно разбран.

“Глава 4: „Веќе дваесет години како Нестор безнадежно се обидува да ја напише првата реченица со која ќе го почне својот роман. Тетката постојано повторува дека првата реченица е многу важна за еден роман. Првата реченица е таа што ќе ве вовлече во романот и ќе ве натера целиот да го прочитате или воопшто нема да ве привлече, па додека читате цело време ќе имате чуство дека недостига нешто.

“Глава 6: „Нестор има десет, а тетката триесет години. Тетката го затвора малиот Нестор во шкаф за да може во темницата да смисли некоја приказна. Откако ќе смисли приказна, Нестор излегува и ја запишува во една тетратка, а потоа и ја чита на тетката. Тетката ова го нарекуваше час по креативно пишување.“

Извадоците откриваат доволно за ликовите и дејството за да го разбудат вашето љубопитство, а воедно го доловуваат и стилот на пишување на Андоновски. Накратко, интересно, современо и гледам голем потенцијал за Андоновски како ракажувач. Нешто што почнало како кратка приказна, прераснало во солидна новела. Препорачувам да се прочита 😃

Издание на Или Или.

You may also like...

en_USEnglish