Баба ми ве поздравува и ви се извинува од Фредрик Бакман

“Секоја бајка има свој змеј. Тоа е заслуга на бабата”.

Приказна за љубовта на бабата кон внучето и пред се приказна за бајки и суперхерои, бидејќи како што вели Бакман “Сите седумгодишни заслужуваат суперхерои”. Бабата е раскажувачот, со необичен светоглед и смисла за хумор, која исплашената и многу интелигентна внука Елса, инаку од соучениците и соседите наречена како поинакво дете, ја води во светот на речиси будните – свет од бајките каде Елса и бабата секогаш се хероите. И двете со бујна фантазија, а големи обожаватели на Хари Потер и Господарот на прстените.

Особено симпатична е дискусијата на малата Елса на тема физички книги или читање на таблет – мал извадок на втората фотка.

Елса, која со помош на Гугл и Википедија дознава дека Дедо Мраз не постои и веќе не му пишува писма, Елса која научила брзо да трча кога ја бркаат децата од училиштето бидејќи е “поинаква”, која навечер се крие во плакарот на баба и за да отпатува во светот на речиси будните, каде времето се мери во бајковити бескраи е навистина мал херој. На училишниот маскенбал сака да оди како Спајдермен и злобно и се смеат бидејќи девојче не може да биде Спајдермен, а во 21 век секој може да биде Спајдермен. И да, се чуствувате многу фрустрирано!!! Но, истовремено не можете да престанете да и се восхитувате на Елса.

Ќе пуштите солза за ова мало, храбро дете, ќе се восхитувате на бабата која прави се за внучето на разделени и речиси постојано отсутни родители да не му недостига љубов и внимание.

Крајот на бајките е тежок, бидејќи секоја бајка мора да заврши, а јунаците треба да “живеат среќно до крајот на животот”. Како завршува оваа бајка за Елса и бабата ви препуштам да откриете сами 😎 Книгава особено ја препорачувам на секоја мајка или баба.

А поуката е прекрасна: ако има доволно поинакви, никој не мора да биде нормален. Секој треба да биде свој и да се гордее со тоа.

“Баба ми ве поздравува и ви се извинува” – уште една одлична книга од Фредрик Бакман, 416 страници во издание на Антолог. Од истиот автор ја препорачувам и “Човекот по име Уве” и “Beartown”.

You may also like...

en_USEnglish