Тегли од Јордан Коцевски

Ја имав честа прва да го прочитам романот Тегли од Јордан Коцевски 😀
За Тегли знаев уште пред да го добие името, корицата и издавачот, а сега и вие ќе имате прилика да прочитате и да дознаете што е со теглите.

Со 218 страниците, романот е релативно краток, но ќе ве изнасмее, исплаши и изненади. Можеби и сите три на само една страна!
Златко и Розе се добро обработени ликови, а сепак делумно остануваат енигма за читателот. Јордан вешто внел информации кои ќе ве заскокоткаат, но останува на нас да донесеме некои заклучоци.
Хуморот е фантастичен! Дури и би се осмелила да го споредам хуморот на Златко со оној на Марк Ватни од Марсовецот (ако сте ја читале ќе знаете што сакам да кажам!) А да не почнам да ви зборувам за Борче и Стојанче.

Ниеден коментар на ликовите нити сцена е излишна, се споени во една солидна целина.
Истражувањето за дословно да се претстават некои ситуации ме импресионираше. Не ви кажувам што поточно, откријте сами.

Единствената замерка ми е дека расплетот дојде многу брзо, би сакала последната глава да беше малку подолга и мотивацијата на Саше дообјаснета.

Мрачен, а хумористичен во исто време. Стилски поразлично од други книги од домашни автори кои сум ги читала и севкупно одлична книга!
Очекувам впечатоци штом ја прочитате, а на Јордан му посакувам успех и уште многу издадени книги 👏

You may also like...

en_USEnglish