Мојата сестра, сериски убиец од Ојинкан Брејтвејт
Колку далеку би одела една сестра за да ја заштити другата? Книгава одлично ја развива токму таа тема.
Дејството се одвива во Нигерија, во семејство кое е наведено како моќно и богато, но по смртта на таткото, воедно и глава на семејството, нивното влијание и животен стил одат во надолна линија. Кон влијанието што родителот го има врз однесувањето и постапките на децата, сме навратени повеќе пати во текот на книгата, дури и со одредена аверзија кон сеќавањата на него, јасно отсликани во сцената на планирање на помен на таткото, кога тетката е таа што инсистира да се одржи на одредена позната локација, а мајката се согласува бидејќи што ќе кажеле луѓето за другата опција е важно за нив.
Понатаму ги имаме размислувањата на сестрата за ножот, оставен во наследство од таткото за тоа како овој предмет можеби ја памети целта за кои бил користен од претходниот сопственик (лично мислам дека овој дел од книгата имаше мошне интересни согледувања. На ножот ќе се потсетиме во повеќе наврати.
Сестрите Ајола и Кореде се тотално спротивни во еден поглед, сосем исти во друг. Едната, убавица, сопственик на моден бренд и опседната со социјални мрежи, другата повеќе пати повторува дека не е убава како сестрата, но интелигентна и работи како главна сестра во позната болница. Површно различни, но длабоко внатре најсилна е сестринската врска и спремни се на се за да се заштитат една со друга. Моето согледување е дека едната е потајно љубоморна на другата, а вистинските чуства ќе се покажат во една од клучните сцени кон крајот на приказната. А спомнав ли дека една од нив добива многу повеќе внимание од семејството од другата?
Да не должам повеќе…Севкупно, солиден трилер со посебен акцент на комплицираните семејни односи. Оцена 4 и веќе ја препорачав на неколку луѓе на кои сум сигурна дека ќе им се допадне.
Издание на Антолог.